Дваесет и четиригодишен жител на скопско село во општина Петровец е приведен под сомнение дека со автомобил ја влечел својата 42-годишна мајка, при што таа се здобила со повреди, информира Министерството за внатрешни работи.
Според информациите од МВР, осомничениот Р.Д. (24), управувајќи патничко возило „фиат“ со скопски регистарски ознаки, преку отворениот прозорец ја фатил својата мајка и ја влечел околу 20 метри, по што го напуштил местото.
Повредената жена била пренесена во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, каде што ѝ била укажана медицинска помош.
Полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода осомничениот околу 20:30 часот. Од МВР информираат дека по целосното расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

