Петмина планинари од Зеница загинаа додека се искачувале на планината Елбрус во Русија. Според медиумите од БиХ, жртвите биле докторката Мелиха Чаушевиќ, Алма и Денис Окановиќ, Алмир Кривдиќ и Нермин Талам. Двајца членови на експедицијата, Харис Адиловиќ и Кемал Видимлиќ, ја преживеале несреќата.
Босанските медиуми ја објавија и последната изјава на еден од паднатите планинари пред да замине на искачувањето. Заедно со фотографиите од патувањето, тој напишал: „Илјадници километри зад нас, еден врв пред нас и само еден сон“.
Несреќата се случила откако групата од седум члена тргнала кон највисокиот врв во Европа. Временските услови првично биле поволни, но брзо се влошиле. Ветерот првично дувал со брзина од околу 45 километри на час, а до утрото се засилил на околу 70 километри на час.
Еден од преживеаните успеал сам да се симне од планината и да повика помош, додека другиот го пронајшле спасувачите. Двајцата биле однесени во болница, каде што им била укажана лекарска помош.
Истражната управа на Истражниот комитет на Руската Федерација за Кабардино-Балкарија веќе покрена предистражна постапка со цел да се утврдат сите детали за оваа трагедија. Истражителите ќе испитуваат дали групата ги почитувала безбедносните протоколи, како била организирана експедицијата и зошто планинарите останале на толку висока точка и покрај најавите за невреме.
Планината Елбрус е највисокиот врв во Европа и важи за дестинација со исклучително непредвидливи временски услови. Тоа дека оваа планина бара максимална претпазливост говори и фактот што само неколку дена претходно, на 19 јули, за време на уште едно такво искачување загина 11-годишно момче, додека неговиот татко здоби тешки повреди.

