Струмичанецот З.П. (37) заработи кривична пријава поради основано сомнение дека извршил кривично дело „убиство во обид, во врска со семејно насилство“, откако со остар предмет ја нападнал својата поранешна сопруга во угостителски објект во Струмица.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, нападот се случил вчера околу 12:40 часот. Осомничениот со остар предмет ѝ нанел тешка повреда во пределот на лицето на 34-годишната жена, по што избегал од местото на настанот.
По кратко време, тој сам се пријавил во Полициската станица Струмица, каде со него бил извршен службен разговор. При алкотестирањето било утврдено дека имал 1,20 промили алкохол во организмот.
Повредената жена била пренесена во Медицинскиот центар во Штип, каде лекарите ѝ констатирале тешки телесни повреди.
СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против З.П. за кривично дело „убиство во обид, во врска со семејно насилство“, а во текот на денот тој ќе биде изведен пред судија на претходна постапка во Основниот суд во Струмица.

