Почина Наталија Дончева

Познатата актерка Наталија Дончева почина на 56-годишна возраст, објавија француските медиуми.

Веста ја потврди нејзиниот агент, кој ја опиша како исклучително талентирана уметница и личност со голема чувствителност. Причината за смртта засега не е соопштена.

Тажната вест ја потврди и нејзиниот брат преку објава на социјалните мрежи. Тој напиша дека Наталија починала опкружена со најблиските – нејзиниот сопруг, родителите и братот.

Дончева е родена во 1969 година во Софија. Нејзиниот татко бил бугарскиот актер Пламен Дончев, а мајка ѝ Французинка. На 19-годишна возраст се преселила во Париз, каде што ја изградила својата актерска кариера.

Во текот на повеќедецениската кариера настапи во повеќе од 50 филмови и бројни театарски претстави. Публиката особено ја памети по улогите во популарните француски телевизиски серии „Julie Lescaut“, „Joséphine, ange gardien“ и „Doc Martin“.

Нејзината смрт предизвика бројни реакции во француската и бугарската јавност, а колеги и почитувачи се простуваат од актерката, која остави значаен белег во европската филмска и телевизиска сцена.