Трагедија во Грција: 32-годишно момче скокнало во вода, по што доживеало срцев удар и се удавило

Трагедија се случи во кањонот Орлиас на планината Олимп во Грција, каде што 32-годишен маж го загуби животот за време на излет со пријатели.

Според грчките медиуми, тој во неделата заедно со уште две лица се искачил до локалитетот познат како „Црвена Карпа“, на околу 650 метри надморска височина. По пристигнувањето, скокнал во природен базен со многу студена вода.

Според првичните информации, веднаш по влегувањето во водата му се слошило, по што доживеал срцев застој и се удавил.

Неговите пријатели веднаш повикале помош на бројот 112, а на местото интервенирале 14 пожарникари. По повеќе од два часа движење низ тежок и непристапен терен, спасувачките екипи успеале да го извлечат.

Мажот бил итно пренесен во Општата болница во Катерини, каде што лекарите можеле само да ја констатираат неговата смрт.

Грчките власти ги истражуваат сите околности на несреќата. Засега се претпоставува дека наглиот контакт со екстремно студената вода предизвикал срцев застој, но конечната причина за смртта ќе биде утврдена по обдукцијата.