Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива непречено и по суви коловози, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Сепак, сообраќајот на магистралниот пат А3, на делницата Битола–Прилеп, во близина на мостот на реката Шемница, е во целосен прекин од 9 часот поради сообраќајна незгода.
Во текот на денот е забележан и зголемен интензитет на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини.
На граничниот премин „Богородица“ има задржување од околу 30 минути за излез од државата, додека за влез се чека околу 15 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања.
АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и внимателно да управуваат со возилата.
Особено внимание се препорачува на патиштата низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои можност од појава на одрони. Тоа особено се однесува на делниците Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.
Од 15 април, во рамки на сезонскиот режим на сообраќај, патниот правец Охрид–Ресен преку Националниот парк „Галичица“ е отворен за сите видови возила до 3,5 тони.

