Денеска нов скок на цената на нафтата

Цените на нафтата пораснаа во петокот поради зголемената загриженост за можни нарушувања во снабдувањето, откако Иран објави нацрт-план со кој се предвидуваат ограничувања за пловидбата низ Ормутскиот Теснец.

Фјучерсите на европската референтна нафта „брент“ за испорака во октомври поскапеа за 1,25 отсто, на 83,52 долари за барел, додека американската нафта WTI за септември порасна за 1,10 отсто, на 78,14 долари за барел.

Според објавениот ирански нацрт-план, на американските и израелските бродови би им било забрането да минуваат низ Ормутскиот Теснец. Во документот се наведува и дека на други држави за кои Техеран смета дека му нанеле штета на Иран би можело да им биде ограничена пловидбата сè додека не биде исплатен надомест.

Иран и Оман, според медиумските извештаи, работат на договор со кој би се утврдиле рутите за пловидба низ теснецот, но засега нема официјално објавен договор. Според предложениот модел, бродовите кои влегуваат во Персискиот Залив би минувале низ иранските води, а оние кои излегуваат би пловеле низ оманските води.

Дополнителна загриженост за снабдувањето предизвикаа и украинските напади врз две големи руски рафинерии, Јарославската, позната и како Јанос, и постројката Новоил на Башнефт.

Во исто време, американскиот увоз на саудиска сурова нафта во јули паднал на нула, првпат од 1985 година, се наведува во анализа на UOB.

Повисоките цени на енергенсите повторно ги засилија и стравувањата од дополнителни инфлациски притисоци поради ситуацијата на Блискиот Исток.

Неизвесноста дополнително ја зголемуваат спротивставените пораки околу дипломатските напори за повторно отворање на Ормутскиот Теснец. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека верува оти војната со Иран ќе заврши „прилично наскоро“, додека Техеран го обвини за водење „театарска дипломатија“.