Три деца и една жена се повредени во сообраќајната несреќа што се случи утрово на патот кон Стража, а во која учествувале четири автомобили и еден камион, соопштија од тетовската полиција.
Според СВР Тетово, несреќата се случила на магистралниот пат во близина на каменоломот „Прогрес 98“, утрово околу 07:40 часот. Повредените се наоѓале во едно од возилата, а по незгодата се пожалиле на здравствени проблеми и биле пренесени во гостиварската болница за лекарска помош.
„По незгодата, три малолетни лица и една жена кои биле во еден од автомобилите се пожалиле на здравствени проблеми и биле упатени во гостиварската болница за укажување медицинска помош“, изјави портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи.
На местото на несреќата се врши увид, по што треба да бидат утврдени причините и околностите под кои дошло до судирот, како и висината на причинетата материјална штета.
Сообраќајот на патниот правец кон Стража се одвива отежнато. Поради увидот, возилата во моментов се пропуштаат наизменично по една коловозна лента во двата правци, што предизвика создавање подолги колони кон Кичево и кон Гостивар.

