Важна информација од МВР за сите кои користат дронови

Поради зголемениот број летачки активности и интензивниот ангажман на хеликоптерите во гасење пожари, извидување и други оперативни задачи, Министерството за внатрешни работи упати предупредување до сите оператори на дронови да бидат особено внимателни и доследно да ги почитуваат правилата за безбедно користење на воздушниот простор.

Од МВР посочуваат дека поради итноста на дел од интервенциите, особено при пожари, не може секогаш однапред да се предвиди каде, кога и по која маршрута ќе се движат полициските хеликоптери, објави 4news.mk

Затоа, лицата кои немаат законски услови, потребни одобренија, регистрации или сертификати, кога тие се задолжителни, не смеат да управуваат со дронови спротивно на прописите.

Операторите кои ги исполнуваат законските услови, пак, се должни летовите да ги вршат согласно воздухопловните правила, ограничувањата на воздушниот простор и условите утврдени од надлежните органи. Кога е потребно, тие треба да ги направат и соодветните најави и координации со службите за контрола на летањето.

Од МВР со посебен апел до операторите: доколку забележат или слушнат полициски хеликоптер во близина, веднаш и без одлагање безбедно да го приземјат дронот.

Во ниту еден случај дронот не смее да се насочува кон хеликоптерот, да му се приближува, да го следи или да го снима од непосредна близина.

Од Министерството предупредуваат дека дрон во оперативната зона на хеликоптер претставува сериозна опасност за безбедноста на летот. Евентуален судир може да предизвика оштетување или губење на контролата над хеликоптерот и да ги загрози животите на екипажот, како и на луѓето и имотот на земја.