Сериозен пожар на отворено избувнал попладнево во струмичко, на потегот меѓу селата Баница, Водоча и Софилари, а огнот брзо се шири и веќе ги загрозува првите куќи.
Според информациите од терен, пожарот избувнал пред околу час и половина и поради силното ширење била започната евакуација на жители од загрозените објекти.
Командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, информирал дека огнот зафатил една куќа, од која пожарникарите успеале да спасат две жени.
Тие не се повредени, но поради вдишување чад биле преземени од екипа на Итната медицинска помош и пренесени во струмичката болница.
Од Дирекцијата за заштита и спасување информирале дека на терен имало и случаи на присилна евакуација, откако една жена одбивала да ја напушти својата викендичка и покрај опасноста од пожарот.

