Регулаторната комисија за енергетика денеска ќе донесе нова одлука за цените на горивата.
По последното поскапување од 4,5 денари кај бензините и 6,5 денари кај дизелот, останува неизвесно дали ќе следи ново зголемување.
Во пресметката веќе е вклучена намалената акциза – за два денари кај бензините и четири денари кај дизелот. Владата засега не планира намалување на ДДВ-то, но најавува дека ќе ги следи цените.
Главната причина за поскапувањето на горивата е зголемувањето на референтните цени на нафтените деривати на светските пазари.
„Евростат“ објави дека цените на горивата и мазивата за личен транспорт во Европската Унија се зголемија во просек за 16,9 % во јули во споредба со истиот месец минатата година. На месечна основа, цените на дизелот во ЕУ се зголемија за 4,3 % во јули, додека цените на бензинот се зголемија за 4,7 %.
Во меѓувреме, Германија и уште пет земји од ЕУ бараат воведување данок на екстрапрофит за нафтените компании.

