Шестгодишно дете итно пренесено во болница откако било прегазено од својот татко

Шестгодишно дете се здоби со тешки повреди во несреќа што вчераутро се случила на улицата „Киро Ристевски Дрнц“ во Тетово.

Како што информираат од СВР Тетово, во 09:50 часот од Ургентниот центар во Тетово било пријавено дека кај нив е донесено малолетно дете со сериозни повреди. Поради тешката здравствена состојба, детето било итно пренесено во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

По извршените проверки, полицијата утврдила дека несреќата се случила околу 08:30 часот, кога 42-годишниот В.С. од Тетово, управувајќи патничко возило „Фолксваген Туарег“ без регистарски ознаки и движејќи се наназад, со задното тркало го прегазил својот шестгодишен син.

На местото на настанот увид извршила екипа на СВР Тетово, а полицијата соопшти дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности.