Тројца македонски државјани загинаа, а уште две лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа на приморскиот автопат во Словенија, на делницата меѓу Унец и Равбаркоманда во правец кон Копер, јавија словенечките медиуми
Според првичните информации на словенечката полиција, во несреќата учествувале товарно и патничко возило. Камионот поради дефект бил запрен во ниша покрај автопатот, кога автомобилот удрил во задниот лев дел од приколката.
Во автомобилот имало пет лица и сите биле државјани на Северна Македонија. Лекар на местото на несреќата констатирал смрт кај три лица. Еден од повредените со хеликоптер бил пренесен во болница, додека повредениот возач на автомобилот бил транспортиран со возило на Итната медицинска помош.
Несреќата била пријавена во 16:28 часот, по што на местото веднаш биле испратени повеќе полициски патроли и пожарникари. Увидот сè уште трае, а на местото се упатиле и државен обвинител и истражен судија. Полицијата најави дека повеќе детали за причините и текот на несреќата ќе објави по завршувањето на првичните истражни дејствија.
Поради несреќата автопатот кон Копер е затворен, а се создадени долги колони. Полицијата ги извлекува возилата кои останале заглавени во сообраќајниот метеж, додека товарните возила се пренасочуваат кај Логатец. Возачите се предупредуваат да не ги напуштаат автомобилите додека се наоѓаат во колоната, бидејќи тоа може да биде опасно.
За кратко била затворена и спротивната насока кон Љубљана поради слетувањето на медицинскиот хеликоптер, но сообраќајот таму во меѓувреме е повторно воспоставен.

