Официјални детали: Две малолетни деца се меѓу тројцата кои загинаа во тешка сообраќајка во Словенија

Две малолетни деца се меѓу тројцата македонски државјани кои загинаа во тешка сообраќајна несреќа во Словенија, потврди Министерството за надворешни работи.

До Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана било доставено официјално известување од словенечката полиција за несреќата што се случила на 27 август на автопатот А1, во близина на Унец.

„Во незгодата животот го загубиле три лица – едно полнолетно и две малолетни лица, државјани на Република Северна Македонија“, информираат од Министерството.

Во патничкото возило се наоѓале вкупно пет лица, сите македонски државјани. Тројца починале на местото на несреќата, а двајцата повредени биле пренесени на медицински третман.

Според информациите објавени во словенечките медиуми, повикувајќи се на полицијата, во несреќата учествувале патнички автомобил и камион кој поради дефект бил запрен покрај автопатот. Автомобилот удрил во задниот лев дел од приколката.

Случајот го обработуваат надлежните полициски органи во Копер. Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е во комуникација со надлежните словенечки институции и го следи понатамошниот тек на постапката. Причините и целосните околности за тешката несреќа ги утврдуваат словенечките надлежни органи.