Големо невреме направи вистински хаос и драматични сцени кои ја зафатија Западна и Јужна Европа.
Силен ветер со брзина од околу 145 километри на час, пропратен со незапомнет град и поројни дождови, направи огромна материјална штета и остави десетици повредени лица низ Франција, Швајцарија и Италија.
Во Швајцарија, невремето најжестоко го погоди северниот дел од земјата. Најдраматичниот инцидент се случил во близина на Цирих, каде група дечиња од градинка кои биле на излет во шума биле изненадени од градот. Според информациите, повеќе деца здобиле повреди на главата од огромните парчиња мраз со големина на тениска топче.
Силниот ветер предизвика и сообраќаен колапс. Авиокомпанијата „Swiss“ мораше да откаже над 85 летови од аеродромот во Цирих, каде ветерот дури откорна подвижни аеродромски скали и ги удри во паркиран авион. На патиштата низ земјата се забележани превртени камиони, додека стотици домаќинства останаа без електрична енергија.
Во Франција, силниот ветер буквално ги соборуваше минувачите по улиците. На социјалните мрежи испливаа вознемирувачки снимки од париските предградија каде дрвјата се виткаат под прав агол, додека дождот и градот паѓаат хоризонтално.
Еден од најдраматичните моменти е снимен во воз во Париз, каде преплашени патници со врисок бегаа низ вагоните откако еден од прозорците пукна под налетот на големото невреме.

