Стевчо Јакимовски вечерва повторно е пренесен од затворот „Скопје“ во болница, откако дошло до влошување на неговата здравствена состојба.
Според достапните информации, лекарите процениле дека е неопходна итна медицинска интервенција, по што Јакимовски бил подложен на оперативен зафат.
Тој претходно поминал околу три недели на болничко лекување, а пред нешто повеќе од една недела бил вратен во затворската установа. По краткиот престој во затвор, неговата состојба повторно се влошила и била донесена одлука за нова хоспитализација.
Засега нема официјални информации за неговата состојба по оперативниот зафат, ниту се соопштени детали за причината поради која била потребна итната интервенција.
Јакимовски претходно јавно говореше за својата здравствена состојба и соопшти дека се лекува од карцином на белите дробови и мочниот меур и дека прима онколошка терапија.
Повеќе информации за неговата моментална состојба и понатамошниот тек на лекувањето се очекуваат од здравствената установа или од надлежните институции.

