Најмалку 21 лице загинало во тешка автобуска несреќа на островот Фого, на Зеленортските Острови, откако автобус со студенти излетал од патот и паднал во провалија длабока околу 30 метри.
Според локален претставник на цивилната заштита, несреќата се случила во саботата вечерта. Автобусот се враќал од екскурзија во Ча дас Калдеирас, кога од засега непознати причини излетал од коловозот и се урнал во длабоката провалија.
Меѓу патниците имало голем број млади луѓе и средношколци од областите Курал Гранде и Понта Верде. Меѓу потврдените жртви е и возачот на автобусот.
По несреќата биле мобилизирани итни медицински екипи, пожарникари и припадници на цивилната заштита. Повредените патници биле пренесени во Регионалната болница „Сао Франциско де Асис“, каде им била укажана медицинска помош.
Надлежните продолжуваат со работата на местото на несреќата, а околностите под кои дошло до излетувањето на автобусот од патот сè уште се утврдуваат.

