Полицијата во акција – приведени 16 лица

Полицијата во изминатото деноноќие лишила од слобода 16 возачи на различни локации низ Македонија поради безобѕирно управување со возило, информира МВР.

Од приведените, дури 14 управувале моторно возило без возачка дозвола, односно без положен возачки испит. Меѓу нив има и двајца малолетници на возраст од 16 и 17 години.

Станува збор за лица од Штип, Прилеп, Кочани, Скопје, Студеничани, Велес, Куманово и тетовското село Новаке.

Полицијата го лишила од слобода и 29-годишен жител на Новаци, кој бил затекнат како управува возило и покрај активната забрана за управување со моторно возило.

Приведен е и 39-годишен жител на Скудриње, Општина Маврово и Ростуше, откако било утврдено дека возел под дејство на алкохол.

Од МВР најавуваат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Полицијата повторно апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и да не управуваат возило без положен возачки испит, под активна забрана или под дејство на алкохол.