Двајца напаѓачи на мотоцикл синоќа пукале кон група од петмина скопјани во населбата Дуќанџик. Во нападот бил погоден 26-годишниот А.М., кој подоцна им подлегнал на повредите во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, пукањето било пријавено на 6 септември околу 23:30 часот, во близина на раскрсницата меѓу улиците „Прохор Пчински“ и „Војдан Чернодрински“.
Во моментот на нападот, Д.Г. (29), А.Џ. (24), К.Б. (36), Е.Б. (25) и А.М. (26), сите од Скопје, стоеле пред излог на фирма. Пред нив застанал мотоцикл на кој имало две лица.
Од мотоциклот било пукано со огнено оружје кон групата, по што напаѓачите побегнале.
Еден од проектилите го погодил А.М. Тој со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што, и покрај укажаната медицинска помош, починал од здобиените повреди.
Засега нема официјални информации дали напаѓачите се идентификувани, ниту кој е мотивот за нападот.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

