Тешка сообраќајна несреќа се случила во раните утрински часови на булеварот „Гоце Делчев“ во Прилеп, при што 72-годишен пешак бил удрен од автомобил чиј возач веднаш го напуштил местото на настанот.
Според информациите од МВР, несреќата била пријавена на 7 септември во 03:50 часот во ОВР Прилеп. Патничкото возило удрило во пешакот Н.Т. (72) од Прилеп, по што непознатиот возач со автомобилот побегнал.
Пешакот се здобил со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Општата болница во Прилеп.
На местото на несреќата извршила увид екипа од ОВР Прилеп. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот и утврдување на идентитетот на возачот.

