Познатиот рок новинар, публицист, писател и режисер Душан Весиќ (1959–2026) почина по долга и тешка болест. Веста за неговата смрт со голема тага ја примија неговите пријатели, колеги и соработници, кои преку социјалните мрежи се простуваат од него.
Весиќ остави значаен белег во рок новинарството и културата на просторите на поранешна Југославија. Од 1980 до 1990 година пишувал за рок културата за бројни весници и списанија, а бил и уредник за домашната музичка сцена во списанијата „Рок“ и „Поп рок“.
Неговата работа не се ограничувала само на новинарството. Весиќ беше автор на документарниот телевизиски серијал „Rockovnik“, како и на серијата и филмот „EKV – Kao da je bilo nekad“.
Бил и сценарист на документарниот филм за „Бајага и инструктори“, „Muzika na struju“ од 2009 година.
Како автор, Весиќ зад себе остави и неколку значајни книги посветени на рок музиката, меѓу кои „Bijelo dugme – Šta bi dao da si na mom mjestu“ (2014), „Magi – Kao da je bila nekad“ (2018) и „Bunt dece socijalizma“ (2020).
По веста за неговата смрт, со емотивни пораки се огласија неговите пријатели и соработници.
Писателот и поет Ѓорѓе Матиќ напиша дека Весиќ „имал уште толку големи книги за пишување“, опишувајќи го како автор на една од најдобрите рокенрол биографии напишани на овие простори.
„Физички истрошен, од околностите избиен, животот не го штедел, да. Но авторски целосно свеж и непотрошен“, напиша Матиќ, додавајќи дека ќе му недостига.
Од „Бајага и инструктори“ со голема тага се простија од својот пријател, опишувајќи го Весиќ како „голем музички новинар и критичар, режисер, писател и аналитичар“.
Рок публицистот Богомир Мијатовиќ исто така се прости од својот пријател, наведувајќи дека Душан Весиќ бил автор на бројни текстови и неколку одлични книги посветени на рок музиката.
Особено емотивна порака упати и неговата долгогодишна соработничка Сандра Ранчиќ.
„Патувај мирно. Ќе ми недостигаш повеќе од родителите. Сè што сум денес, научив од тебе“, напишала таа, притоа наведувајќи ги и стиховите од песната на „Бијело дугме“ – „Сањао сам ноќас да те немам“.
Со неговото заминување, рок сцената на овие простори загуби автор кој со децении сведочеше за нејзиниот развој и остави значајно наследство преку своите текстови, книги, филмови и документарни проекти.

