Страшен случај на врсничко насилство во училиште во Србија го потресе регионот.
Инцидентот се случил во јуни, кон крајот на минатата учебна година, во српското село Мрчајевци, кога група ученици сексуално малтретирале нивен соученик.
Случајот дури сега привлече повеќе внимание бидејќи неодамна родителите на другите ученици од училиштето предале петиција со повеќе од илјада потписи, со која бараат надлежните добро да го истражат инцидентот и да ги казнат одговорните.
Ученикот бил нападнат во основното училиште „Татомир Анѓелиќ“, а неговите родители велат дека воопшто не се задоволни од тоа како надлежните реагирале за инцидентот.
Истакнуваат дека нивното дете немало летен распуст, туку целото лето го поминале по лекари и по психолози.
Иако нивното дете целиот живот ќе си ја носи траумата, тие се надеваат дека сега, со поддршката од другите родители и поради тоа што зборуваат јавно, ќе ги притиснат институциите да ги преземат соодветните мерки.
„38 ноќи не спиевме поради него. Другите деца беа на распуст, а тој беше во болница, на психијатар, на психолог и така му помина распустот.
И, веруваме дека правдата ќе излезе на виделина“, вели Ана Марковиќ, мајката на нападнатиот ученик.
Таа додава дека со поддршката на неколку родители, успеале да се изборат случајот да излезена виделина.
За српските медиуми потресна изјава даде и самиот ученик.
Тој вели дека седел во кабинетот по техничко образование, кога едниот од насилниците го нападнал и го силувал.
Потоа детето пробало да избега, но со друг ученик го фатиле и повторно го нападнале.
„Нека кажат како беше. Нека не лажат сега. Тие секогаш знаат да се извлечат“, додава детето.

