Силно невреме беснее во регионот – ќе ја зафати ли и Македонија?

Словенија се соочува со последиците од силното невреме што вчера го зафати централниот дел од земјата, при што соракано-ветерот, поројните врнежи и грмежите предизвикаа штети на инфраструктурата.

Соборени дрвја оштетија делови од електричната мрежа, а на одделни места беше прекинат и железничкиот сообраќај.

Екипите на електродистрибуцијата веднаш излегоа на терен и отстранија голем дел од дефектите. Сепак, на некои локации сè уште се работи на целосно воспоставување на снабдувањето со електрична енергија.

Паднати дрвја на железничката мрежа предизвикаа целосен прекин на сообраќајот меѓу Литија и Трбовље. Словенечките железници организираа заменски автобуски превоз во двата правци, со постојки кај железничките станици во Литија, Сава, Загорје и Трбовље.

Од железницата ги предупредуваат патниците дека се можни доцнења и отстапувања од редовниот возен ред. Во заменските автобуси не е дозволен превоз на велосипеди и животни, со исклучок на кучиња водичи, службени кучиња и кучиња помошници.

Во меѓувреме, Словенечката агенција за животна средина издаде ново предупредување за централниот дел од земјата. Во наредниот период се можни нови локални невремиња со силни молњи, олуен ветер и обилни врнежи.

Надлежните предупредуваат дека ваквите временски услови можат да предизвикаат нагло зголемување на водостојот на поројните водотеци, како и појава на урбани поплави.