Следува голема промена на времето – Славчо Попоски утрово со најнова анализа

Полека но сигруно многу наскоро летото ни завршува. Викендов (сабота и недела 12/13 септември) територијата на Македонија ќе биде под влијание на ладен атмосферски фронт од север и истиот ќе услови поголема промена на времето.

Облачноста ќе се зголеми и на повеќе места во Македонија ќе имаме повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат пообилни и поројни и проследени со појава на грмежи и со засилен ветер, а ќе има услови и за локална појава на невреме.

За време на овој бран на врнежи локално во Македонија ќе наврнат од 10 до 15 литри на метар квадратен дожд, а локално и до околу или над 20 литри на метар квадратен дожд. Ќе дува умерен до повремено засилен ветер од северен правец кој ќе биде најизразен долж Повардарието.

И во Скопје и околината викендов (сабота и недела 12/13 септември) ќе имаме повеќе облачност и повремени врнежи од дожд кои повремено може да бидат пообилни и поројни и проследени со појава на грмежи и со засилен северен ветер.

Температурите позначително ќе опаднат во Македонија (и тоа за повеќе од 10 степени). Па така во сабота максималните дневни температури во Македонија ќе се искачуваат во интервалот од 26 до 34 степени, а поголем пад на температурите ќе има во недела на 13 септември кога максималните дневни температури кај нас ќе се искачуваат во интервалот од 20 до 28 степени.

Во Скопје и околината во сабота на 12 септември максималната температура ќе се искачи до околу 31 степен, а во недела на 13 септември таа ќе биде значително пониска и ќе се искачи до околу 26 степени.