Грчкиот и балканскиот естраден свет се во тотален шок по ненадејната смрт на популарниот пејач Јоргос Мазонакис, кој го изгуби животот под сомнителни околности во приватна ординација во Атина.
Случајот доби драматичен пресврт откако атинската полиција ги уапси двајцата лекари кои биле со него.
Против нив е поднесена кривична пријава за изложување на опасност со смртен исход, што се третира како тешко кривично дело.
Клучниот пресврт во истрагата настанал по претресот на ординацијата во елитната атинска населба Колонаки.
Полицијата утврдила сериозни контрадикторности во изјавата што лекарката првично им ја дала на инспекторите
Лекарката тврдела дека прегледот бил закажан за 16:00 часот и дека Мазонакис дошол со доцнење од половина час.
Сепак, Итната медицинска помош (ЕКАБ) потврдила дека повикот го примила во 16:30 часот. Подлабоката истрага открила дека пејачот во ординацијата пристигнал дури 3 часа порано отколку што тврделе лекарите!
Докторката изјавила дека пејачот се срушил додека се обидувала да му постави венски катетер, односно пред да започне самата процедура.
Но, полициската анализа на медицинскиот апарат за плазмафереза покажала дека тој работел повеќе од 30 минути, што е директен доказ дека процедурата веќе била започната, а лекарката лажела.
Запленети компјутери и докази
Од ординацијата во улицата Карнеаду, полицијата запленила компјутери, комплетна медицинска документација и различни препарати кои се испратени на детаљна форензичка анализа.
Инспекторите го чешлаат и дигиталниот материјал за да се утврди дали лекарите се обиделе да прикријат траги или да ги избришат податоците.
Официјалната обдукција, на која присуствува и стручен медицински консултант ангажиран од семејството на Мазонакис, треба да ги даде конечните одговори за точната причина за смртта на големата музичка ѕвезда од Грција со богата музичка кариера.

