Според официјалните податоци од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) на Македонија, новата работна седмица ќе се задржи посвежа, додека првите посериозни услови за снег на високите планини ќе мора да почекаат.
Денес во Македонија нè очекува сончево време со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветeр од северен правец.
Максималните дневни температури ќе се движат од 22°C во западните и планинските предели до 30°C во југоисточните делови.
Според метеоролошката најава од УХМР, до крајот на новата работна седмица ќе се задржи посвежо и претежно сончево време со мала до умерена облачност во текот на денот.
Сепак, атмосферата нема да биде целосно стабилна, така што во вторник во северните делови од земјата наместа ќе има услови за повремен краткотраен дожд. До среда ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, а потоа ветерот ќе го смени правецот во југоисточен.
Утрата ќе бидат значително свежи, со минимални температури кои во планинските предели ќе се спуштаат и до 7°C.
Кога се очекува првиот снег на планините?
Иако есента официјално започнува за десетина дена, метеоролошките анализи покажуваат дека во следните 10-тина дена нема услови за појава на снег во Македонија. На Шар Планина (Попова Шапка) и на Пелистер, дневните температури на високите делови ќе се движат меѓу 6°C и 11°C, а според сегашните најави, ноќните нема да паднат под нулата.
За првото побелување на највисоките планински врвови (над 2.000 метри надморска височина) ќе се чека следниот посилен влажен бран и пад на температурите под нулата, што според климатолошките просеци најчесто се случува во текот на октомври.
Првиот снег во соседството на 23 септември?
За разлика од Македонија, кај нашиот северен сосед, на мапите за месец септември веќе се гледа првиот снег.
И според најавите на српските метеоролози, засилено заладување во Србија се очекува во третата декада од септември, односно околу самиот почеток на есента (околу 23 септември).
Тогаш е можен и првиот слаб снег на највисоките планински врвови во Србија, пред сè на Копаоник и Голија. Дотогаш, во Србија ќе се менуваат сончеви периоди и преодни наоблачувања со дожд, со дневни температури од 23 до 29 степени.

