Министерството доделува 1.200 стипендии до 27.000 денари – еве кој може да аплицира

Министерството за образование и наука објави конкурс за доделување 1.200 стипендии за ученици Роми од прва до четврта година во јавните и приватните средни училишта.

Стипендиите се исплаќаат девет месеци, а месечниот износ зависи од успехот на ученикот и се движи од 1.200 до 3.000 денари. Тоа значи дека вкупната поддршка за еден ученик може да изнесува од 10.800 до 27.000 денари.

За просек од 4,50 до 5,00 се предвидени 340 стипендии од по 3.000 денари месечно. За просек од 3,50 до 4,49 има 390 стипендии од по 2.300 денари, за просек од 3,00 до 3,49 се предвидени 250 стипендии од по 1.700 денари, додека за просек од 2,00 до 2,99 има 220 стипендии од по 1.200 денари.

Право на аплицирање имаат редовни ученици, државјани на Северна Македонија и припадници на ромската етничка заедница, кои не ја повторувале претходната учебна година и не користат друга стипендија.

Електронското пријавување преку системот е-Услуги на МОН ќе трае од 1 до 18 октомври. Кандидатите треба да достават потврда дека се редовни ученици, свидетелство од претходната учебна година и трансакциска сметка на име на ученикот.

Потребна е и скенирана потврда од регионално ромско здружение, организација или невладина организација од местото на живеење. Во електронската апликација се пополнуваат и изјави дека ученикот не користи друга стипендија и дека е припадник на ромската заедница.

Резултатите треба да бидат објавени на 20 ноември, а кандидатите ќе добијат решение преку својот профил во системот е-Услуги.