Страотна несреќа вечерва го потресе регионот: Карпа падна врз автобус со ученици од екскурзија

Најмалку четири деца и возач на автобус се повредени вечерва во сообраќајна несреќа која се случила во местото Штитарицка Ријека, на магистралниот пат меѓу Мојковац и Колашин во Црна Гора, објави РТЦГ.

Според првичните информации, карпа се одронила од страната на патот и паднала врз автобусот.

Автобусот превезувал основци кои биле на екскурзија, а несреќата се случила околу 20:45 часот, на приближно три километри од Мојковац во правец кон Колашин.

Во болница биле пренесени четири деца и возачот на автобусот. Според првичните проценки, повредите најверојатно се полесни. Од болницата во Бијело Поље било потврдено дека четири лица итно биле пренесени во оваа здравствена установа. На местото на несреќата биле испратени и сите расположливи екипи на Итната медицинска помош од Бијело Поље и Мојковац.

Во тек е евакуација на патниците од автобусот, додека надлежните служби работат на расчистување и обезбедување на теренот.