Поранешен министер од владата на Заев влегува во бизнисот со дата-центри

Манчевски е еден од тројцата сопственици на новоформираната компанија „Орион АИ Фактори“ во  Македонија, заедно со „Орион Телеком Холдингс“ од Амстердам и компанијата „Хемиски Инженеринг“.

Во изминатиот период Манчевски објави дека ќе биде еден од раководителите на „Орион Телеком“, телекомуникациска компанија од Србија која има сопствен дата-центар во Белград. Компанијата е и комерцијален корисник на Државниот дата-центар во Крагуевац, каде што закупува простор за својата опрема.

„Орион“ повеќе од две децении работи како телекомуникациски оператор во Србија, а во последните години го проширува бизнисот кон дата-центри, вештачка интелигенција и електромобилност. Компанијата планира проширување и на пазарите во регионот и Источна Европа.

Манчевски вели дека плановите опфаќаат пет до шест земји, при што Македонија е меѓу потенцијалните пазари, иако не е примарниот фокус на компанијата.

„Фокусот е на проширување во регионот и Источна Европа. Значи се работи за пет-шест земји, а се остава простор и за Македонија, која е цел, но не примарна“, изјави Манчевски.

Како партнер во македонската компанија се појавува „Хемиски Инженеринг“, фирма поврзана со бизнисменот Горјан Максимовски. Компанијата поседува недвижен имот во комплексот на поранешниот индустриски гигант „ОХИС“. Максимовски е поврзан и со земјиштето на Европскиот универзитет во Скопје, каде што беше најавена изградба на висококатница. Проектот беше привремено стопиран од Општина Центар.

Манчевски по повлекувањето од Владата на Зоран Заев продолжи да работи во приватниот сектор. До неодамна беше директор на софтверската компанија „Мак-Систем“, а сега започнува нов деловен ангажман во секторот на дата-центри.

Тој смета дека дел од критиките поврзани со потрошувачката на вода за ладење на дата-центрите се темелат на постари технологии.

„Денешнава технологија работи со воздушна температура од 25 степени, а новите сервери што ќе следат ќе бидат уште подобри и ќе може да работат на 40 степени“, вели Манчевски.

„Орион Телеком“ во последните години го проширува своето работење надвор од традиционалните телекомуникациски услуги, а од минатата година „Орион Телеком Вај-Фај“ е интегриран во „Телеком Србија“.