Православните верници денеска го одбележуваат споменот на Светиот свештеномаченик Автоном – светител кој со својата неприкосновена вера и храброст остави длабока трага во христијанската историја.
Светиот свештеномаченик Автоном живеел и го проповедал христијанството во Италија, сè додека царот Диоклецијан не започнал страшен прогон на христијаните. Бегајќи од репресијата, тој се повлекол во областа Витинија Азиска, во местото наречено Сореос.
Таму успеал да преобрати многу луѓе во христијанската вера и ја изградил црквата посветена на Свети Архангел Михаил.
По извесно време, Автоном дознал за блиското место Лимна, каде што живееле само незнабошци. Храбро заминал таму, отворено проповедајќи за Христовата љубов и за вистината на еден Бог.
Неговите искрени зборови допреле до срцата на многумина кои веднаш ја прифатиле верата, но со тоа стекнал и бројни непријатели.
Според преданието, група незнабошци ненадејно упаднале во црквата Свети Архангел Михаил за време на светата служба што ја вршел Автоном. Тие маченички го убиле светителот директно на олтарот, заедно со сите верници кои се наоѓале во храмот во тој момент.
Сепак, приказната за овој светец тука не завршува. Во времето на царот Константин, на неговиот гроб била подигната црква.
Легендата вели дека дури два века по неговата смрт, Свети Автоном се јавил во сон на еден војник, наредувајќи му да ги ископа неговите мошти. Кога го направиле тоа, сите присутни се увериле дека неговото тело било целосно нетлено и сочувано, а во деновите што следеле, многу болни оздравеле само со допир до неговите мошти.
Поради овие чуда, во народот се верува дека на овој ден треба да се изговори молитвата посветена на Светиот свештеномаченик Автоном, за која се верува дека носи здравје, мир и напредок во секој дом.
Тропар
Светињата ја раздаваше на светите, свештеномачениче Божји Автономе, народот во познание на Бога го приведуваше.
Крвта твоја пред олтарот леејќи ја, душата во рацете Христови ја предаде, но устата која смртта ја замолкна, не престана за Христа да говори, во чудата извршени за наше спасение, по твоите свети молитви.
:
Покрај овој голем светител, Светиот свештомаченик Автоном, денес ги славиме и следните светители:
Светиот маченик Јулијан со четириесетте другари
Сите пострадаа околу 300 година. Прво беа мачени, па убиени со меч. Пред својата смрт, Јулијан
Го молеше Бога вака: „На оние што ќе земаат од правот мој, подај им, Господи, простување на гревовите и стивнување на страстите. Нивните полиња нека не ги напаѓаат ни штетни птици, ни скакулци, ни гасеници, ни други смртоносители, а мојот дух прими го во мир.“
Светиот свештеномаченик Корнут, епископ Икониски
Родум од Никомидија, од селото Салата. Беше веќе сосем стар кога настана гонењето во времето на Декиј и Валеријан. Некој мачител на христијаните Перениј дојде во Никомидија и почна да трага по христијани. Христијаните излегоа од градот и се сокрија, а нивниот престарен епископ не сакаше да се повлекува, туку самиот лично отиде пред Перениј и се објави себеси за христијанин. Мачителот го врза и нареди да го влечат по градот, додека од него не истече многу крв. Својата света душа ја предаде на Бога под меч.

