Платил 18.000 евра за да му истераат црна магија од домот, а потоа ги пријавил во полиција оти му текнало дека е измамен

Шеесет и шестгодишен жител на кочанско село останал без 18.000 евра, откако неколку лица го убедиле дека во неговиот дом има „црна магија“ и дека парите му се потребни за да ја отстранат.

Тој на 24 септември во 23 часот го пријавил случајот во ОВР Кочани. Според неговото сведоштво, лицата дошле во неговиот дом и со лажни тврдења го довеле во заблуда.

Тие му кажале дека во куќата има „црна магија“ и го убедиле да им ги предаде сите пари што ги поседува, со образложение дека средствата се потребни за нејзино отстранување.

Откако лицата заминале, 66-годишникот сфатил дека бил измамен и го пријавил случајот во полиција.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот и за утврдување на идентитетот на лицата кои ја извршиле измамата.