Голема полициска операција се спроведува од рано утрово во Прилеп и околината, при што се вршат претреси и проверки на околу 30 локации, објави „НетПрес“, повикувајќи се на неофицијални информации.
Според информациите на медиумот, на терен се распоредени припадници на специјалните единици и униформираната полиција, а акцијата ја спроведува Министерството за внатрешни работи преку Бирото за јавна безбедност.
„НетПрес“ објавува дека операцијата е дел од поширока истрага насочена кон сомнителна организирана криминална структура.
Според неофицијалните информации објавени од медиумот, истрагата е поврзана со сомневања за активности поврзани со наркотици. Под лупа, наводно, се и лица од полициските структури за кои постојат сомневања за можна поврзаност со лица или активности што се предмет на истрагата.
Засиленото полициско присуство е забележливо на повеќе локации во Прилеп и во поширокото подрачје, а акцијата сè уште трае.
Слични информации за полициската операција и претресите на околу 30 локации објави и „Плусинфо“, исто така повикувајќи се на неофицијални извори.
Засега нема официјална потврда од МВР за деталите од операцијата, бројот на евентуално приведени или осомничени лица, ниту за резултатите од претресите.
Извор: НетПрес

