Печеле пиперки на тераси и во подруми, па им дошле инспектори

Печењето пиперки за ајвар на балконите, меѓу зградите или во подрумите скапо ги чинеше граѓаните во соседството.

Поради отворен пламен и чад, комуналната инспекција во Србија овие денови делеше солени казни, пишува Нова.рс, кои достигнуваат и до неколку илјади евра, а забележани се и пожари.

Сезоната за подготовка на традиционалниот ајвар е во полн тек, но оние кои немаат викендички или роднини на село, се обидуваат да се снајдат во своите станови. Но многумина од оние во Србија што не сакаат да им мириса внатре, решиле да постават скари и ќумбиња на терасите, пред влезовите на зградите или во подрумските простории.

Сепак, ваквото однесување таму е строго забрането со закон и повлекува драстични солени парични казни, пишува Нова.рс.

Повеќе од 10 пријави за еден викенд

Само во текот на изминатиот викенд, комуналните служби во Белград и другите градови регистрираа повеќе од 10 пријави од револтирани соседи. Дел од граѓаните печеле пиперки на балконите задушувајќи ги соседите со чад, други поставиле скари во задниот дел од зградите, а имало и такви кои се обиделе да се скријат во подрумите.

Во еден од случаите, поради несериозноста и печењето пиперки во подрумските простории, дури избувнал и пожар, поради што морале да интервенираат и противпожарните екипи.

За физички лица во Србија казните се движат од 50 до над 200 евра (во зависност од локацијата и прекршокот), додека за правни лица и бизниси, за неовластено палење оган на јавни површини или во згради, казните можат да одат и до 1.300 евра.