УЈП со важно известување за сите граѓани

Управата за јавни приходи (УЈП) информира дека граѓаните денеска добиваат лажни СМС пораки во кои испраќачите се претставуваат како институцијата, со цел измама и можна злоупотреба на лични и финансиски податоци.

Во пораките се испраќа линк и се наведува дека постои проблем со „статусот на сметката за социјално осигурување“, при што граѓаните се повикуваат наводниот проблем да го решат што е можно поскоро.

Од УЈП предупредуваат дека станува збор за сомнителна порака и апелираат граѓаните да не го отвораат приложениот линк и да не внесуваат лични информации, податоци од банкарски сметки или други чувствителни податоци.

„Станува збор за порака која може да биде обид за измама и злоупотреба на лични и финансиски податоци“, посочуваат од Управата.

Институцијата ги повикува граѓаните сите информации поврзани со нејзината работа да ги проверуваат исклучиво преку официјалните канали – веб-страницата, електронските услуги и официјално објавените телефонски броеви и контакт-адреси.

За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат до:

Е-пошта: [email protected]
Инфо центар: 0800 33 000 (само од фиксни оператори)
Телефон: 02 3253 200
Веб-страница: www.ujp.gov.mk

Од УЈП дополнително апелираат граѓаните да не кликнуваат на линкови од непознати или сомнителни СМС пораки и да не споделуваат податоци поврзани со личниот идентитет или банкарските сметки.

Граѓаните се повикуваат предупредувањето да го споделат со своите блиски за да се спречат можни злоупотреби.