Македонија вечерва во Луцерн го претрпе и четвртиот пораз во Б Лигата на Нации. Швајцарија славеше со 3:0, со што продолжи лошата серија на македонската селекција предводена од Гоце Седлоски.
Во четирите натпревари под негово водство, Македонија има исто толку порази, а дополнителен проблем е фактот што нашата репрезентација сè уште нема постигнато ниту еден гол. Вкупно 720 минути трае голгетерскиот пост на селекцијата во периодот откако Седлоски е на кормилото, ако се земат предвид и претходните четири натпревари.
По вечерашниот натпревар во Луцерн, селекторот Седлоски го даде своето видување за одиграниот меч:
“Мислам дека одигравме перфектно прво полувреме, до првиот примен гол. Индивидуалните грешки што ги направивме Швајцарија знаеше да ги искористи. Ваквите селекции не простуваат. Мораме да бидеме максимално концентрирани во секој момент, затоа што противниците знаат да не казнат. Им дадов шанса на сите фудбалери во нападот, но не можевме да постигнеме гол. Но, јас бев борец и кога бев играч и не се откажувам, не се предавам“.
Седлоски порача дека и покрај негативниот резултат нема намера да се откаже, а фокусот ќе биде ставен на подобрување на играта и конечно прекинување на голгетерскиот пост.

