Светата православна црква и верниците денес, на 8 октомври, го одбележуваат споменот на Преподобна Ефросинија Александриска – светителка чиј живот го одбележа фасцинантна приказна за бегство пред свадба, одрекување од богатството и целосна посветеност на верата.
Таа била ќерка на Пафнутиј, богат и угледен човек од Александрија. Нејзините родители долго немале деца, па со молитви ја добиле својата сакана ќерка. Ефросинија уште од мала била воспитана во христијанската вера, а по смртта на нејзината мајка, нејзиниот татко ја поучувал на Светото писмо.
Наместо невестински фустан, монашка облека
Гласот за нејзината убавина брзо се проширил, па татко ѝ избрал момче за неа и ја одредил свадбата. Но, Ефросинија имала поинаква желба во срцето – сакала да му се посвети на Бога.
За да се скрие од татко ѝ, таа се преоблекла во машка облека и заминала во машки манастир, каде што се претставила како евнух под името Измарагд. Со својот строг пост и молитва, таа брзо ги надминала сите монаси. Во меѓувреме, нејзиното семејство неуморно ја барало по целата земја, но без успех.
По 38 години тежок подвиг, нејзиниот татко Пафнутиј го посетил манастирот барајќи утеха за изгубената ќерка.
Според житието за оваа голема светителка, игуменот на манастирот го упатил токму кај монахот Измарагд. Ефросинија веднаш го препознала својот татко, но тој не успеал да ја препознае. Кога таа се разболела и била на смртна постела, му ја открила вистината: „Јас сум Ефросинија, твојата ќерка, ти си ми татко!“
По нејзиното упокојување, и самиот Пафнутиј стапил во истиот манастир и се вселил во нејзината ќелија.
Тропар
Господи, Господи, сило незнаена, го создаде, го возљуби човека и го постави во љубовта Твоја, затоа дете кон Тебе прибегна – света Ефросинија, при чии нозе денес припаѓаме. Убавината на душата твоја о, преподобна, ги освои нашите срца, подвигот твој за Христа да се оневестиш, даде смелост на усните наши –да те восфалиме и молиме лишени да не бидеме од милоста на Твојот Жених во вечни векови.

