Заменик министерот за здравство Јовица Андовски поднесе оставка. Оставката ја доставил до премиерот Мицкоски на 9 октомври, а таа денеска е депонирана во Собранието.
Андовски пишува дека оставката ја поднесува од лични причини и му се заблагодарува на премиерот за укажната доверба.
„Ви изразувам искрена благодарност за укажаната доверба, досегашната поддршка и соработката во текот на извршувањето на мојата функција. За мене беше чест и одговорност да бидам дел од Владата и да придонесувам кон унапредувањето на здравствениот систем.
На претседателот на Владата и на сите членови на Владата им посакувам успех во понатамошната работа и во остварувањето на заложбите за подобро здравство и поквалитетен живот на граѓаните“, пишува Андовски.
Тој бара оставката да му биде констатирана на првата седница на Собранието.
Андовски беше заменик од почетокот на мандатот на премиерот Мицкоски во период кога се сменија тројца министри Арбен Таравари, Азир Алиу и Сашо Клековски.
Пред две недели премиерот Мицкоски најави дека наскоро ќе предложи нови заменици министри.

