Силни олуи и поројни дождови погодија големи делови од Грција, предизвикувајќи поплави по улиците, деловните објекти и домовите, јавуваат грчките медиуми.
Регистрирани се сериозни прекини во снабдувањето со електрична енергија на островите Скијатос и Скопелос, додека на островот Евбеја (Евија) засилениот ветер собори бројни дрвја. На Родос, противпожарните екипи мораа да спасуваат жена заглавена во својот автомобил откако возилото било целосно опкружено од надојдената вода.
Поради олујните ветрови во Егејското Море, чии удари достигнуваа брзина од над 100 километри на час, до дополнително известување е запрено испловувањето на сите траекти од главните копнени пристаништа, вклучително Атина и Лаврион.
Највисок степен на приправност и затворени училишта
Службата за цивилна заштита прогласи највисоко ниво на предупредување за островите од групата Споради, за островот Крит, како и за регионот Атика, кој го опфаќа главниот град Атина. Властите упатија апел до сите жители да не ги напуштаат домовите без поголема потреба, а од претпазливост многу училишта останаа затворени.
Според податоците на грчката државна метеоролошка служба (ЕМИ), се очекува силното невреме и поројните дождови да продолжат и на островот Крит. Иако за утре се очекува привремено смирување на ситуацијата, метеоролозите најавуваат ново погоршување на времето веќе од петок.

