Меси правеше чуда – погледнете ги двата спектакуларни погодоци

Интер Мајами славеше со 3:1 на гостувањето кај Атланта, а главна ѕвезда на натпреварот повторно беше Лионел Меси. Аргентинскиот ас уште еднаш демонстрираше зошто важи за еден од најдобрите фудбалери во историјата, постигнувајќи два гола во само четири минути.

Гостите заминаа на пауза со минимална предност од 1:0, а вистинското шоу започна во второто полувреме. Во 56. минута, Меси тргна во продор од средината на теренот, оставајќи зад себе вистински хаос во противничката одбрана. Дури седум фудбалери на Атланта се обидуваа да го запрат, но Аргентинецот со неверојатен слалом ги надмина пречките и ја затресе мрежата за 2:0.

Само четири минути подоцна, капитенот на Интер Мајами повторно се запиша меѓу стрелците. Овојпат се најде во контранапад, со само еден противнички играч пред себе. Меси лесно го надмудри и него, па со прецизен удар зголеми на убедливи 3:0.

Атланта успеа да постигне почесен гол до крајот на средбата, но победата на гостите не беше доведена во прашање.

Со двата нови погодоци, Меси стигна до вкупно 936 голови во својата професионална кариера. Пред него на вечната листа останува само Кристијано Роналдо, кој има 981 гол и сè повеќе се приближува до историската граница од 1.000 погодоци.