Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија денеска треба да ги утврди новите максимални цени на горивата, а движењата на меѓународните пазари упатуваат на ново, но ограничено поскапување на дизелот.

Иако суровата нафта утрово поевтинува и Брент се спушти на околу 107,5 долари за барел, за домашната цена на дизелот поважно е движењето на готовиот рафиниран производ на медитеранскиот пазар.

Референтниот ULSD 10 ppm на Медитеранот во текот на минатата недела се движеше на високи нивоа – околу 1.490 долари за тон во првата половина од неделата, по што до петок се спушти на околу 1.450 долари за тон, што значи дека неделниот просек сепак останува повисок од оној врз основа на кој беше формирана сегашната цена.

Доколку Владата ги задржи сегашните мерки – ДДВ од 10 проценти за дизелот и намалената акциза – пазарните движења не упатуваат на драматичен скок, туку на корекција од околу 0,50 до 1,50 денари за литар.

Најреално е Еуродизелот од сегашните 97 денари да поскапи на околу 98 денари за литар, додека конечната цена ќе зависи од пресметката на РКЕ за просечната котација на медитеранскиот дизел и курсот на доларот.

Бензинот би можел да остане по иста цена или евентуално малку да поевтини

Дополнителен притисок надолу создава најавеното зголемување на руските испораки и олеснувањето на дел од американските санкции, но светскиот пазар на дизел и натаму е затегнат поради ниските резерви, проблемите со рафинериското производство и високите транспортни трошоци.