Премиерот Христијан Мицкоски најави дека не се очекува зголемување на цената на електричната енергија, додека дизел-горивото би можело дополнително да поевтини за два денари по литар. Ова го соопшти при посетата на Општина Чешиново-Облешево, одговарајќи на прашање од новинарите дали владините мерки за намалување на цените на горивата ќе продолжат и по 20 октомври.
Мицкоски информираше дека Владата е во завршна фаза на разговорите со компанијата ОКТА, со цел да се обезбеди дополнителен попуст кој би овозможил ново намалување на цената на дизелот.
„Денеска имаме владина седница и продолжуваат преговорите со снабдувачот ОКТА за дополнителен попуст да имаме. Мислам дека сме блиску до постигнување решение за дополнителни 2 денари по литар да имаме барем кај дизелот намалување на цената“, изјави Мицкоски.
Владата ќе продолжи со мерките за цените на горивата
Премиерот нагласи дека државата ќе ја задржи досегашната политика во однос на цените на нафтените деривати, при што посочи дека врз нив влијаат движењата на светските берзи, но и даночната политика на државите.
„Кај нас влијаат тековите кои што се на светските берзи. Но, факт е дека владата за разлика од сите влади во Европа најмалку зафаќа во делот на данокот на додадена вредност и акцизата и затоа денеска граѓаните имаат најниски цени во Европа кога станува збор за дизел горивото и безоловниот. Веќе имаме држави во Европа каде што дизел горивото и безоловниот се продаваат за над 3 евра, 3,2, 3,3 па дури и 3,5 евра по литар, а кај нас и дизел горивото и безоловниот 95 октански се под 1,6 евроценти за литар и е најниска цена во Европа. И ние ќе продолжиме со таа политика“, рече Мицкоски.
Во однос на снабдувањето со горива, премиерот уверува дека количините за потребите на државата се обезбедени до крајот на годината. Тој очекува и следната година да помине без поголеми нарушувања, иако, како што посочи, одредени предизвици се неизбежни.
„До крајот на годината апсолутно сме со обезбедени количини за сите видови на горива, а следната година исто така ќе биде година која не очекувам да има поголеми турбуленции, предизвици секако ќе има. Продуктоводот или нафтоводот кој што го поврзува солунското пристаниште со нашата рафинерија е под притисок, е наполнет, така што доволни количини на гориво ќе има за македонските граѓани и не само за македонските граѓани, бидејќи имаме најниска цена за горивата, граѓаните од соседните земји доаѓаат полнат кај нас, со што двојно се зголеми конзумот на дизел посебно во пограничните места. Со оваа политика да го заштитиме стандардот на граѓаните толку колку што можеме ќе продолжиме“, вели Мицкоски.
Мицкоски ги отфрли најавите за поскапа струја
Премиерот ги демантираше шпекулациите дека до крајот на годината би можело да дојде до промена на цената на електричната енергија. Според него, цената на струјата ќе остане на истото ниво, а Владата и понатаму ќе се стреми да го заштити животниот стандард на граѓаните.
„Од кога сме како Влада избрани, немаме покачување на цената на електричната енергија. Се сеќавате во минатите години владата на СДСМ и ДУИ малтене ја дуплираше цената на електричната енергија, така што остануваме посветени да го заштитиме стандардот на граѓаните“, изјави Мицкоски.
Според најавите на премиерот, во наредниот период фокусот ќе остане на одржување на стабилноста во снабдувањето со енергенси и ублажување на ценовните притисоци врз домаќинствата и стопанството.

