Силен земјотрес ја стресе Италија

Регистрирани се најмалку пет потреси, од кои најсилниот достигнал магнитуда од 5,0 степени според Рихтеровата скала, според податоците на Италијанскиот национален институт за геофизика и вулканологија (INGV).

Издадено е портокалово предупредување за цунами, а властите најавија евакуација на одредени училишта и јавни институции како мерка на претпазливост.

Првиот земјотрес е регистриран во 11:51 часот, додека најсилните потреси се случиле во 12:19 часот.

Потресите силно се почувствувале во Палермо, како и во други делови на Сицилија, вклучувајќи ги Катанија и Еолските Острови.

Епицентарот на најсилниот земјотрес бил во морето, северозападно од Еолските Острови, недалеку од островот Аликуди.

Според првичните информации, нема повредени лица, ниту пак извештаи за материјална штета.

Сепак, Агенцијата за цивилна заштита на Сицилија го зголеми нивото на тревога поради можноста од појава на цунами. Нејзиниот раководител, Салво Кочина, им наложи на надлежните служби и на локалните власти во погодените подрачја да бидат во состојба на висока готовност.

Градоначалникот на Палермо, Роберто Лагала, потврди дека одредени училишта и јавни институции ќе бидат евакуирани како мерка на претпазливост.

„Внимателно ја следиме ситуацијата како што се одвива и сме во постојан контакт со сите надлежни служби. Во моментов нема извештаи за повредени или за материјална штета, но сметаме дека е наша должност да ги преземеме сите неопходни мерки за да ја осигураме безбедноста на граѓаните“, изјави Лагала.