Убиен познатиот бугарски бизнисмен и поранешен европратеник

Познатиот бугарски бизнисмен, поранешен европратеник и спортски функционер Слави Бинев е убиен утрово во софиската населба „Павлово“. Информацијата ја потврди Главната дирекција „Национална полиција“ за бугарската телевизија НОВА, а полицијата веќе приведе тројца осомничени за убиството.

Пријавата за убиството била примена во 10:28 часот по локално време, објави 4news.mk Екипата на Итната медицинска помош пристигнала на местото за само седум минути, но лекарите можеле единствено да ја констатираат смртта на бизнисменот.

Околу еден час по пријавувањето на убиството, полицијата уапсила тројца мажи на 54. километар од автопатот „Тракија“, во близина на тунелот „Трајанови врата“.

Според главниот секретар на бугарското Министерство за внатрешни работи, Љубомир Николов, двајца од приведените имаат турски имиња, додека третиот поседува бугарска лична карта.

Осомничените биле гости во домот на Бинев и се занимавале со градежништво, објави 4news.mk Работеле на изградба на два станбени комплекса во Софија, но засега нема информации за деловна поврзаност меѓу убиениот бизнисмен и градежната компанија.

При полициската интервенција биле пронајдени две парчиња огнено оружје. Едното било фрлено пред запирањето на автомобилот, додека второто било пронајдено во чанта кај еден од приведените.

Според информациите на НОВА, убиството го пријавил работник во куќата на Бинев. Тој раскажал дека во домот пристигнале неколку лица, по што се слушнале истрели. Кога отишол да провери што се случува, го пронашол бизнисменот мртов.

При увидот била пронајдена една чаура, а на телото на Бинев била констатирана прострелна рана во пределот на главата, објави 4news.mk