Важни инфорамции за граѓани: Од 29 октомври нов начин на користење лични документи – еве како ќе функционира!

Од четврток, 29 октомври, граѓаните на Македонија ќе можат да ги користат личната карта и возачката дозвола и во дигитална форма, преку нова мобилна апликација за електронски паричник.

Новината ја најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој информираше дека апликацијата официјално ќе биде промовирана во среда, 28 октомври.

Со новото решение, граѓаните ќе имаат можност да ги прикажуваат своите лични документи директно преку мобилниот телефон, без потреба секогаш да ја користат физичката верзија, на местата каде што дигиталните документи ќе бидат прифатени.

Како ќе функционира дигиталната лична карта?

За разлика од обична фотографија од документ, дигиталната лична карта ќе овозможува електронска проверка на автентичноста на податоците.

Една од главните новини е можноста граѓаните сами да избираат кои лични податоци ќе ги споделуваат.

Тоа ќе се прави преку специјален QR-код за еднократна употреба, кој ќе има ограничено времетраење од само 10 до 15 секунди.

На овој начин се предвидува поголема контрола врз споделувањето лични информации и поедноставна проверка на идентитетот.

Важно е да се нагласи дека физичките лични карти и возачки дозволи остануваат важечки, а дигиталната верзија ќе претставува дополнителна можност за нивно користење.

Воведувањето на електронскиот паричник е дел од поширокиот процес на дигитализација на јавните услуги, со цел граѓаните побрзо и поедноставно да пристапуваат до своите документи.