Легендарниот Анри направи непријатна сцена и ја прозва водителката на доделувањето на „Златната топка“ (ВИДЕО)

За време на свечената церемонија на доделувањето на „Златната топка“ во Лондон, легендарниот Тиери Анри се најде во центарот на вниманието поради ситуација на сцената која предизвика поделени реакции во јавноста. Поранешната ѕвезда на Арсенал и Барселона реши пред присутните да ја исправи водителката Кејт Скот поради начинот на кој го изговорила името на наградата, што набргу предизвика полемики на социјалните мрежи.

Програмата за доделувањето на признанијата за најдобрите во фудбалот ја водеа Скот и Анри, кои со години работат заедно во студиото на американската телевизија CBS Sports, заедно со колегите Мика Ричардс и Џејми Карагер. Иако нивната соработка е позната по опуштената атмосфера и пријателските шеги, овој момент на сцената дел од јавноста го оцени како непотребно непријатен.

Непосредно пред доделувањето на признанието „Сократ“, кое им се доделува на фудбалери за хуманитарна работа и општествен ангажман надвор од теренот, Анри реагираше на изговорот на својата колешка.

„Како мислиш? Тука немаме ниту еден филозоф“, изјави Французинот, алудирајќи на античкиот мислител Сократ и инсистирајќи на правилниот изговор на името на наградата.

Ова признание е востановено во чест на легендарниот бразилски фудбалер Сократес Бразилеиро, кој остана запаметен и по својот исклучителен општествен ангажман.

Сепак, фактот што Анри реагираше во живо, пред публиката, отвори дебата за тоа дали неговата постапка била соодветна и дали забелешката можела да биде упатена на поинаков начин.