Терористички напад во Белград – напаѓачот е убиен

Србија е под највисоко ниво на терористичка закана откако малолетник нападна жандарм пред Амбасадата на Израел во Белград, а министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ откри дека безбедносните служби претходно го следеле напаѓачот, кој беше убиен за време на судирот со полицискиот службеник.

Дваесет и четиригодишен странски државјанин е убиен синоќа на булеварот „Кнез Александар Караѓорѓевиќ“ број 47 во Белград – локација каде што се наоѓа Амбасадата на Израел во Србија – изјавија од итната медицинска помош за новинската агенција „Танјуг“.

Ивица Дачиќ, заменик-премиер и министер за внатрешни работи (во технички мандат), изјави дека синоќа, 15 минути по полноќ, во Белград се случил терористички напад насочен кон припадник на Жандармеријата, кој ја обезбедувал израелската амбасада. По инцидентот, нивото на терористичка закана е подигнато на највисоко можно ниво, а зголемено е и присуството на полицијата на клучните локации.

„Едно малолетно лице, чиј идентитет сè уште не е утврден, но за кого постои сомневање дека е од Шабац – нападна припадник на Жандармеријата со два ножа, извикувајќи ’Алаху Акбар‘“, изјави Дачиќ, според соопштението објавено утрово од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Тој додаде дека припадникот на Жандармеријата го неутрализирал напаѓачот во самоодбрана, но притоа се здобил со полесна повреда – исеченица на лицето – нанесена со еден од ножевите користени во нападот.