Нови детали се појавуваат во истрагата за двете разбојништва со смртни последици во скопските населби Хром и Ѓорче Петров, во кои животот го загубија 62-годишен маж и 76-годишна жена.
Според сознанија на Телма, уапсените при распитот во станица ги признале делата. Извор од истрагата за Телма изјавил дека во едниот напад учествувале двајца, а во вториот тројца. Четвртиот уапсен бил возачот кој ги превезувал, кој се бранел дека не знае што планирале и правеле неговите патници.
Исто така, според изворите на Телма, во автомобилот на осомничениот возач биле најдени траги поврзани со разбојништвата односно јакна и други предмети, а според сознанија на телевизијата, и во домовите на жртвите биле најдени и ДНК траги кои се поврзуваат со уапсените.
Инаку, според други неофицијални информации, истражителите располагаат и со снимки од надзорни камери.
Првиот случај бил откриен на 22 октомври, кога во дом во Хром бил пронајден починат 62-годишен маж со траги на насилство. Вториот бил пријавен на 27 октомври, кога во својот дом во Ѓорче Петров била пронајдена мртва 76-годишна жена.
МВР потврди дека се приведени четири лица: А.С. (22), Х.Е. (20) и К.А. (58) од Скопје, како и М.Р. (26) од Струмица. За нив е побаран краткотраен притвор заради комплетирање на доказниот материјал.

