Денеска блиските, пријателите, колегите и граѓаните се простуваат од д-р Живка Тушева, педијатар која со години несебично се грижеше за здравјето на најмладите и за пациентите од Општина Велес.
Д-р Тушева работела како педијатар во превентивната здравствена заштита, а долг период била ангажирана во амбулантата во село Извор. Заедно со само една медицинска сестра, ги опслужувала жителите на целата општина, обезбедувајќи здравствена грижа во текот на целиот ден и ноќта.
Оние кои ја познавале ја паметат како посветен лекар со големо срце, човек кој имал место за сите – и за своето семејство и за пациентите. Особено била приврзана кон децата, на кои им посветувала посебно внимание, љубов и грижа. Секој мал пациент ѝ носел радост, а нејзината посветеност оставила длабока трага кај многу семејства.
Медицинскиот персонал и пациентите изразуваат огромна благодарност за нејзината професионалност, пожртвуваност и долгогодишна работа.
Последниот испраќај на д-р Живка Тушева ќе се одржи утре, во недела, на 1 ноември, кај црквата „Св. Пантелејмон“, со почеток во 12 часот.
Бог да ја прости. Вечна ѝ слава!


