Иако вечерва нема директен натпревар меѓу МЗТ Скопје и Работнички, навивачите на двата скопски кошаркарски ривали се пресретнале пред спортската сала „Јане Сандански“, каде што дошло до физичка пресметка.
Според информациите што ги објави порталот SportSport.mk, навивачката група „Сити Парк Бојс“ пристигнала пред салата за да му даде поддршка на Работнички на натпреварот против Скопје.
Но, непосредно пред почетокот на натпреварот, тие биле пресретнати од навивачите на МЗТ Скопје, попознати како „Фемили“, по што ситуацијата ескалирала и дошло до физичка пресметка меѓу двете групи.
Во инцидентот, според објавените информации, има и посериозно повредени навивачи од двете страни. На местото интервенирале екипа на Итната медицинска помош и поголем број полициски службеници, кои успеале да ја стават ситуацијата под контрола и да спречат понатамошна ескалација.
По инцидентот, во спортската сала „Јане Сандански“ е присутно засилено полициско обезбедување.
До овој момент нема официјално соопштение од надлежните.
Извор: SportSport.mk

