Татко и тримесечно бебе пронајдени мртви, уапсен дедото: Трагедија го потресе регионот

Телата на 27-годишен маж и неговото тримесечно бебе биле пронајдени вчера во семејна куќа во селото Демирај, во општина Гњилане, Косово. Полицијата го уапсила 65-годишниот татко на починатиот маж, а воедно и дедо на бебето, под сомнение за двојно убиство.

Првичните медиумски информации упатувале на можност дека Адонис Демири и неговото бебе загинале во експлозија на направа што наводно ја активирал самиот. Сепак, истрагата ја отфрлила оваа верзија и утврдила дека станува збор за насилна смрт.

Косовската полиција соопшти дека пријавата за сомнителната смрт на две лица ја добила вчера околу 8:47 часот. На местото биле испратени полициски екипи, државен обвинител и екипа на Итната медицинска помош, чиј лекар можел само да ја констатира смртта.

По извршениот увид бил уапсен 65-годишниот Брахим Демири, татко на починатиот Адонис. Од полицијата соопштија дека првичните наоди упатуваат на тоа дека настанот се случил во рамките на семејството. По одлука на обвинителството, на осомничениот му е одреден притвор до 48 часа, а случајот е квалификуван како „тешко убиство“.

По наредба на обвинителот, телата се пренесени во Институтот за судска медицина во Приштина за обдукција.

Косовскиот портал „Лајми.нет“ објави неофицијални информации за можниот мотив и текот на настанот, според кои 27-годишникот најпрво го усмртил своето дете, по што дедото го убил него. Овие информации засега не се официјално потврдени. Точните околности и мотивот треба да бидат утврдени во текот на истрагата и по обдукцијата.